Измислен во 1905 година
» Приказната за турбо компресорите започнува во 1905 година кога швајцарскиот инженер Алфред Бихи патентираше уред за натполнење на мотори со внатрешно согорување, не ни слутејќи дека отвора ново поглавје во нивниот развој. Овој изум имаше посебно значење за воздухопловството бидејќи со турбо компресорот беше овозможена примена на моторите во авионите кои на големите височини во разредениот воздух не можеа да работат. Во првиот такт кога клипот е движи надоле смесата навлегува во цилиндрите низ отворените всисни вентили. За моторот да работи правилно, смесата мора да има точно одреден сооднос на бензин и воздух. Доколку воздухот е поредок во цилиндрите ќе може да се внесе помалку бензин, со што силата на моторот опаѓа. Со компримирање на воздухот во цилиндрите може да се внесе поголема количина смеса за согорување со што моторот испорачува повеќе сила од истата работна зафатнина. Постојат и други видови компресори, но турбо компресорот посебно влијае на ефикасноста бидејќи не троши енергија од моторот – турбината што го врти компресорот кој го набива воздухот во цилиндрите се задвижува од издувните гасови.
Кратка историја на развојот на турбо моторите кај автомобилите:
1962 – Се појавија првите автомобили во кои беше вграден турбо мотор – Oldsmobile Jetfire и Chevrolet Corvair
1973 – BMW го претстави 2002 Turbo, првиот европски автомобил со турбо мотор
1977 – Saab 99 Turbo, првиот големосериски автомобил со турбо мотор
1977 – Renault ги воведе турбо моторите во формула 1
1980 – Mercedes 300 SD од серијата W126 стана првиот автомобил со турбодизел мотор
1981 – Maserati Biturbo – првиот автомобил со мотор со два турбо компресора
1981 – Honda го претстави првиот мотоцикл со турбо мотор
1988 – Honda во Legend го вгради првиот мотор со турбо компресор со променлива геометрија
1989 – Во Mazda RX-7 беше вграден twin-scroll турбо компресор со два влеза кој има разделена турбинска комора заради зголемување на ефикасноста на користењето на динамичкиот притисок на издувните гасови
1991 – Fiat Croma стана првиот дизел автомобил со турбо компресор со променлива геометрија
1993 – Toyota го опреми 6-цилиндричниот мотор на Supra со склоп од мал и голем турбо компресор кој наречен twin-turbo обезбедуваше уверливи перформанси во пошироко подрачје на вртежи
2005 – Peugeot 407 го доби првиот дизел мотор со два турбо компресора, кој се вградуваше и во Ford Mondeo
2005 – Во Bugatti Veyron беше вграден првиот мотор со четири турбо компресори
2012 – BMW за серијата 5 подготви дизел мотор со три турбо компресора, еден поголем и два помали
2017 – Audi RS5 доби мотор во кој се искомбинирани класичен и електричен турбо компресор