Peugeot e-208 добива на моќност и автономија
» Не требаше да помине многу време после претставувањето на електричниот e-308 и Peugeot да го надгради помалиот e-208 со неговиот електромотор. Така сега хит-моделот на француската марка место 136 има 156 коњски сили. Вртежниот момент остана ист – 260 Nm, со кои малиот хечбек ќе забрза до 100 km/h за 8,1 секунда. Нови се и батериите од 400 волти со капацитет од 48,1 kWh нето, кои му обезбедуваат автономија зголемена на 400 km. Тоа значи дека Французите сметаат на просечна потрошувачка од само 12 kWh на 100 km, што би било значаен напредок. За тоа треба да биде заслужна и топлинската пумпа која работи со сензорот за влага на врвот на ветробранското стакло со која треба да се обезбеди подобро управување со енергијата за греење и климатизација. Нови Peugeot e-208 ќе може да се полни на полначи до 100 kW, што значи од 20 на 80% за 25 минути. На пазарот ќе се појави следената година, кога ќе дознаеме за колку поскапе модернизираниот електричен француз.