Ново лице, нови квалитети
» Познат на јавноста уште пред Opel да стане дел од големото семејство на PSA, Grandland сега го доби своето ново лице, а со него и бројни други нови квалитети. Со нив се запознавме во салонот на Opel на регионалниот дистрибутер на марката, Еуроимпекс од Скопје, каде менаџерот за медиуми и односи со јавност Ана Јовановска ни го најави овој модел како нетипичен SUV со кој може да се има сé. Кусо претставување на марката и новиот салон на Opel даде маркетинг менаџерот и заменик CEO на Еуроимпекс Ивана Манчева Михајловска, која изјави: „Во автомобилската индустрија минуваме низ турбулентен период, меѓутоа, што се однесува до Opel, заедно со нашите ценети продажно сервисни дилери Аутомакедонија од Скопје и АутоЦем од Тетово работиме во насока на претставување на новиот пристап на брендот, новата стратегија, новите модели и кон освојување на нови клиенти. По процесот на детоксификација, Opel денес има нов лик што може да се забележи и од изложените возила надвор, а и има и нов таргет на публика кон која се обраќа. Но и покрај тоа, Opel не ја менува својата ДНК – тој е доверлив модерен германски бренд, технолошки напреден и со чист и прецизен дизајн.“
Продукт менаџерот за Opel, Драган Јовев, ја започна својата презентација во која нé запозна со овој модел преку потенцирање на неговите нови елементи – Opel Vizor, IntelliLux LED светлата, AGR седиштата, како и новиот Pure Panel. Тој истакна: „Ова ни е втора промоција откако Opel направи едно големо РЕСЕТ-ирање од COLD во COOL и враќање кон својата изворна ДНК: германски, модерен, возбудлив и пристапен. Овие ДНК вредности се вткаени со секој производ што излегува од Opel и го демонстрира нашето тежнеење кон квалитет, беспрекорно прецизен и чист дизајн, интуитивен ентериер, активна удобност на возачот, возење кое го ангажира возачот и корисни иновации кои се достапни на сите клиенти. Овие гени ги има нашиот претставник во SUV Ц-сегментот базиран на мултиенергетската EMP2 платформата на Stellantis – новиот Opel Grandland.“
Новиот Grandland излегува од производствените ленти на фабриката во Ајзенах, Германија, а цената на нашиот пазар започнува од 25.390 евра за моделот со 1,2 литарски турбобензиски мотор со 130 KS и Grandland ниво на опременост. Повеќе информации можат да се добијат на веб-страницата opel.mk и на дилерските страници.