Со свој камен по глава
» На денешен ден пред 14 години беше преставен Tata Nano, најевтиниот автомобил во светот. Појавувањето на ова возилце предизвика голем интерес заради неговата цена за која беше најавено дека ќе изнесува 100.000 индиски рупии, тогашни помалку од 1.500 евра, што беше причина некои аналитичари да проценат дека ќе освои дури 65 отсто од пазарот. Долго само 3,1 метар, беше замислено да ги воведе во светот на автомобилите големиот број Индијци кои користеа мотоцикл за транспорт, често за целото семејство одеднаш. Затоа и беше аскетски изведено, најевтино што може. Беше дизајнирано од италијанското студио I.DE.A но при неговата конструкција се штедеше на секој чекор – немаше десен ретровизор и капаче на резервоарот за гориво, тркалата му беа прицврстени со три завртки а од опрема немаше скоро ништо, дури ни радио. За воздушни перници, серво управувач или клима уред да не зборуваме. За погон користеше двоцилиндричен мотор со 38 коњски сили кој сместен назад го задвижуваше до максимални 105 километри на час.
Но не помина сé без проблеми. Неговото лансирање доцнеше, имаше проблеми со квалитетот и безбедноста, а растечките цени на суровините беа причина цената да започне значително да расте. Најмногу сепак му наштети имиџот на „автомобил за сиромашни“ што го имаше. Заради сето тоа место планираните 250.000 примероци годишно продажбата едвај му се искачи на 70-тина илјади, и тоа само на почетокот. Носеше големи загуби, но основачот на компанијата Ратан Тата како голем филантроп сакаше да ѝ остави на својата нација наследство по кое Индија ќе го памети и не дозволуваше неговото производство да запре.
На крај, после 10 години и произведени вкупно околу 300 илјади возила, сепак мораше да дојде и до тоа.