35 години под капата на Fiat
» Откако цели 13 години таложеше загуби, Alfa Romeo кој тогаш беше во сопственост на државата премина во рацете на Fiat. Причината за проблемите во кои се најде компанијата беа чисто политички – нејзините раководители повеќе се грижеа за своите позиции отколку за нејзината работа. Најмногу штета нанесе отворањето на фабриката на југот на Италија во 1968 година, со која се сакаше да се намали невработеноста во сиромашните краеви на земјата. Но луѓето таму кои по традиција беа градежници немаа никакво искуство со правењето автомобили, а проблематични беа и индустриските врски со добавувачите. Така оваа фабрика никогаш не стартуваше како треба и работеше целосно непродуктивно – на властите им беше подобро да им исплаќаат плати на работниците кои работеа по две недели на секои два месеца отколку надомест за невработеност и социјална помош. Плус на тоа, гамата беше застарена и несоодветна, а квалитетот на возилата катастрофален.
Кога конечно се соочи со огромните загуби, државата реши да ја стави компанијата на продажба. Најпрво на Fiat му беше понудено со Alfa Romeo да основа нова заедничка компанија, но кога Ford даде понуда да откупи дел од компанијата и да ја реконструира, при што процентот акции што ќе ги поседува би се зголемувал со текот на времето, Fiat се повлече од тој план и истапи со предлог за целосно преземање на компанијата, исплаќање на долговите на компанијата и нови инвестиции од вкупни тогашни 5,7 милијарди долари и гарантирање на работните места на италијанските работници. Тоа беше повеќе од доволно на раководството на Alfa Romeo да го одобри преземањето и компанијата, спојувајќи се со Lancia, да премине под контрола на Fiat. Тогаш Alfa Romeo произведуваше нешто помалку од двесте илјади возила.