Tags: ,
Mercedes SL, кратка историја

Од 1954 година до денес

» Каков ќе биде новиот Mercedes SL допрва ќе дознаеме – остана уште малку време до неговата премиера, кое можеме да го скратиме потсетувајќи се на неговата 67-годишната историја.

Првата генерација на овој култен модел се појави во 1954 година, иницирана од успесите на тркачкиот W194 кој две години пред тоа ги покажа потенцијалите на својата конструкција. Експертите на Mercedes од неа без проблем ја извлекоа производствената верзија, давајќи ѝ ја истата 300 SL ознака. Фабрички позната како W198, таа се одликуваше со вратите кои се отвораа нанагоре како галебови крилја, чиј англиски термин Gullwing стана заштитен знак на ова генерација. Нејзиниот трилитарски мотор со 240 KS беше доволен за максимални 263 km/h.

Но напредната техника си имаше своја цена и Германците наредната 1955 година ја подготвија поевтината W121 алтернатива на овој модел со сличен стил и инженеринг, означувајќи го комерцијално како Mercedes 190 SL. Веќе самите бројки кажуваат дека беше искористен 1,9 литарски четирицилиндричен мотор со во споредба со ексклузивниот 300 SL бедни 105 KS, способни за максимални 170 km/h.

Тука треба да споменеме и дека во 1957 година беше претставена родстер верзијата на W198 300 SL, која, нормално, имаше конвенционални врати. Токму комбинацијата од нејзината појава и концепцијата на поевтиниот 190 SL беше почетна основа за создавање на W113 генерацијата, која се појави во 1963 година. Освен карактеристичниот дизајн таа доби и подобрено ослонување и 2,3 литарски шестцилиндричен мотор со 150 KS, кој во текот на годините постојано беше зголемуван и засилуван.

Осум години подоцна, во 1971-вата, се појави R107 генерацијата на SL, прва во која се вградуваше V8 мотор. Дебитираше под ознаката 350 SL зад која се криеше 3,5 литарски агрегат со 200 коњски сили, на кој подоцна му се придружија повеќе различни верзии со зафатнина меѓу 2,8 и 5,6 литри и максимални од 185 до 240 KS.

Вака широката палета агрегати која тој ја инаугурираше беше основна идеја според која се водеше лансирање на наредната генерација на Mercedes SL означена како R129. Таа се појави во 1989 година со три и петлитарски агрегати со 190 и 326 коњи, кои во текот на нејзиното дванаесетгодишно присуство на пазарот се раширија до 7,3 литри распределени во 12 цилиндри од кои се извлекуваа максимални 525 коњски сили.

Тоа, покрај значителните стилски подобрувања и новите безбедносни карактеристики го детерминираа и позиционирањето на наредната R230 генерација која се појави во 2001 година. Иновативни технологии таа имаше во големи количини, вклучително и новите автоматски менувачи кои се справуваа со максималните 670 коњи, колку што имаше најмоќната AMG верзија.

Со слична филозофија продолжи и R231 во 2012-тата, која дефинитивно, заради времето во кое живееме, ќе биде прекината од новата генерација која желно ја очекуваме. Нејзиниот дизајн не ни е познат, но за моторизацијата можеме да кажеме дека ќе биде базирана на актуелните електрифицирани технологии. Сепак засега мораме да се воздржиме од прецизирање што меѓу благи хибридни, хибридни, плаг-ин хибридни па дури (иако е слабо веројатно) и чисто електрични погонски групи ќе бидат ставени на располагање на верните купувачи на овој врвен модел на Mercedes.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *