Двоен карактер
» На почетокот на педесеттите години кога на Шведска допрва ѝ претстоеше масовната моторизација, населението имаше потреба од издржливи доставни возила со кои ќе ги обавува своите работи. Но во исто време тоа не беше доволно финансиски моќно за да има уште еден автомобил за приватни потреби. Volvo пак во еден момент се соочи со големи количини непродадени автомобили од моделот PV444. Раководството им даде задача да инженерите да смислат како компанијата да се ослободи од залихите, а тие се решија да ги спојат практичното и корисното и истапија со идеја за повеќенаменско возило за сестрана употреба, кое кога треба ќе служи како доставно возило за работа односно превоз на стоки, а во слободното време како патничко возило за семејството.
Требаа само 15 месеци да настане моделот PV445, заради неговата двојна улога наречен Duett. Успехот беше загарантиран и производството започна во 1953 година. Се нудеше во три верзии – како „2 во 1“ автомобил со задни странични стакла, во чисто доставна верзија и во мали количини како шасија со каросерија исечена зад ветробранското стакло, погодна за разни специјални изведби. Не требаше да помине многу време Duett да стане составен дел од шведското секојдневие, означувајќи пресвртница за Volvo и зачеток на неговата караванска гама. Во 1960 година беше обновен и доби ветробранско стакло од еден дел, менувач со четири степени на пренос, инсталација од 12 волти и нова ознака P210. Се произведуваше до 1969 година, до кога заедно со специјалните изведби беа направени 101.492 примероци.