Без него ќе нема возила со преден погон
» Хомокинетичкиот зглоб е механички склоп кој го пренесува вртежниот момент од полувратилата (кои вообичаено, но технички неточно се нарекуваат полуоски) на вратилата кои се поврзани со тркалата. Основната задача му е да го прави тоа кога двете вратила се под агол, со што аголната брзина на погонските (предните) тркала при свртување се задржува рамномерна. На почетокот на развојот на возилата со погон на предните тркала за тоа се користеа кардански зглобови, како што е случај со Citroen Traction Avant и кај првите теренци (Jeep Willys, Land Rover…) на кои 4×4 погонот, без централен диференцијал, се вклучуваше исклучиво на терен. Но карданските зглобови имаат еден голем недостаток – брзината на вртење пулсира.
Хомокинетичкиот зглоб кој се користи кај современите возила е заснован на конструкцијата што во 1926 година во САД ја патентираше доселеникот од Полска Алфред Ханс Рцепа, кој работеше за Ford. Во основа тој е внатрешен топчест зглоб со шест жлеба, паралелни со вратилата. Жлебовите на погонското вратило се надворешни а на гонетото внатрешни. Периферната сила ја пренесуваат топчињата, кои кога вратилата ќе се свртат под агол се поместуваат по жлебовите. Лимити на оваа конструкција е што аголот на свртување е ограничен, а со зголемување на аголот се зголемува и оптоварувањето на зглобот. Заради тоа тргнувањето со возилото со шкрипење на гумите и свртен волан е посебно стресно за хомокинетичките зглобови и им го скратува векот. За да се намали триењето на топчињата зглобот е трајно подмачкан со посебна маст и е затворен и заштитен со манжетна. Ако таа пукне во зглобот продруваат нечистотии и влага со што доаѓа до негово оштетување и може брзо да се уништи. Заради тоа препорачливо е манжетните редовно да се прегледуваат и веднаш да се заменат ако се забележат пукнатинки на нив.