Peugeot и Renault го заменија Париз со он-лајн настани
» Салоните на автомобилите во оваа пандемска година се мртви, но производителите сепак сакаат и имаат потреба да стигнат до потенцијалните купувачи и новинарите. Затоа и како замена се обидуваат да најдат он-лајн решение, без посетители. Додека за Женева истапија неподготвени, дури и дилетантски, сега имаа доволно време да се подготват што Peugeot и Renault го искористија секој на свој начин, со повеќедневни тематски виртуелни настани темпирани со терминот за одржување на годинешното авто-шоу во Париз.
Виртуелниот салон на Peugeot, логично, е насочен кон француските купувачи кои вообичаено во стотици илјади се собираа во саемските хали. Создаден е дигитален штанд на кој секој „изложен“ модел може да се зумира, да се ротира за 360 степени, да се разгледа неговата внатрешност и да се добијат дигитални објаснувања за карактеристиките на возилото. Плус на тоа, со два клика се доаѓа до можност да се разговара во живо со продавач, кој може да понуди специјални саемски поволности.
Renault пак подготви целонеделен настан наречен eWays, фокусиран на електрификацијата. На него беа претставени два нови модела значајни за иднината на групата – концептот Megane eVision и електричниот Dacia Spring. Беа организирани и виртуелни тркалезни маси со раководните лица на кои можеа да им се поставуваат прашања, а експерти одржаа семинари во своите области.
Засега нема сознанија дали ваквиот тип презентации на Peugeot и Renault ќе продолжат и во иднина, или пак се само привремено решение додека пандемијата не нé пушти од своите канџи. Тоа сигурно ќе зависи од постигнатиот ефект но во најмала рака, во споредба со гигантските штандови и милионските трошоци што се генерираат, тие се далеку поевтини од учеството на салоните на автомобилите.