Едно полни, друго празни
» Националната агенција за безбедност на сообраќајот во Америка официјално ги потврди тврдењата на некои сопственици на Ford Mustang Mach-E дека акумулаторот на возилото се празни кога е приклучено на полнач. Звучи иронично при полни батерии електричен автомобил да остане без струја, ама така е бидејќи Mustang Mach-E покрај високонапонските батерии кои му обезбедуваат струја за возење, за напојување на непогонските системи е опремен со обичен акумулатор од 12 волти, каков што имаме сите во нашите автомобили. А кога тој ќе се испразни, знаеме што следи – возилото не може да стартува. Ако се прашувате дали како кај возилата со мотори со внатрешно согорување може со кабли да се „позајми“ струја од друго возило, одговорот е – да, може. Но, иронијата да биде поголема, акумулаторот на Mustang Mach-E се наоѓа под дното на предниот багажник, кој за да се отвори е потребна струја…
Од Ford се изјаснија дека се работи за софтверска грешка и дека сите засегнати возила (кои наводно ги имало малку – околу десетина) треба да се јават во сервис за нејзино отстранување. Испораките на Mustang Mach-E започнаа годинава и во првиот квартал во САД се продадени 6.614 примерок од него.