Ванкел моторот се враќа
» Mazda го претстави MX-30 e-Skyactiv R-EV, кој користи ротационен ванкел мотор како генератор. Да потсетиме, овој кросовер претставен 2019 година како прв електричен модел на јапонскиот производител претрпе многу критики заради малата автономија и уште тогаш Mazda најави дека наместо со поголеми батерии ќе го понуди и со ванкел мотор кој ќе работи како генератор за струја. Ветувањето го исполни и сега MX-30 настапува и како плаг-ин хибриден модел во кој е вграден електромотор од 170 коњски сили кој се напојува од литиум-јонски батерии со капацитет од само 17,8 kWh, што е половина од електричната верзија. Тие ќе овозможат автономија од 85 km што е доволно за секојдневно возење, а за повеќе ќе се погрижи еднокоморниот ванкел мотор кој ќе произведува струја кога батериите ќе се испразнат. Има работна зафатнина од 830 кубни сантиметри и развива 75 KS, а резервоарот за гориво од 50 литри ќе го испразни после некои 500 km. Подобрени се малку перформансите и MX-30 e-Skyactiv R-EV до 100 km/h ќе забрзува за 9,1 секунда. Цената во Германија е поставена на 35.990 евра.