Ќе најде ли Ducati нов сопственик?
» Volkswagen веќе објави дека заради префрлањето на помасовно производство на електрични возила и во потрага пошироки можности за повеќе од двојно зголемување на вредноста на компанијата ќе ја анализира иднината на Lamborghini, Bugatti и Ducati, што би можело да резултира со преструктуирање, нови технолошки партнерства, излегување на берза како независни компании или пак нивна продажба. Иако ова е долгорочна работа и ќе бара повеќе време (се споменуваат пет години), уште сега започнаа да се јавуваат заинтересираните – најновите информации велат дека за купување на Ducati веќе се примени неколку барања. Нормално, Volkswagen официјално не споделува никакви информации, ниту пак ги коментира наводите.
Volkswagen сакаше да го продаде Ducati во 2017 година, кога Bajaj Auto во партнерство со KTM и Polaris, како и приватните инвестициски групи Bain, PAI и Investindustrial изразија таков интерес, но тоа наиде на противење на работниците. VW е индиректен сопственик на Ducati – италијанскиот производител на мотоцикли е дел од Lamborghini, кој пак е во сопственост на Audi.