Автомобил-куфер на склопување
» Раните 90-ти години од минатиот век беа златна ера за Mazda – со продажните успеси родстерот MX-5 ја менуваше автомобилската историја, а ванкелот 787B освојувајќи го Леман пишуваше спортски рекорди за марката. Но, конкуренцијата со другите како да не беше доволен предизвик за јапонскиот производител. Беше организиран интерен натпревар за да се види која група вработени, со мал буџет на располагање, ќе креира најиновативно решение на „машина за движење“.
На него најентузијастички настапија седуммина инженери од центарот за тестирање и истражување на мануелните трансмисии, на кои им требаа шест месеци да ја реализираат својата идеја. Го купија најголемиот Samsonite куфер што можеа да го најдат, зедоа еден од тогаш популарните во Јапонија „џебни“ мотоцикли и се зафатија за работа. Ги сместија во куферот со должина од 75 и ширина од 57 сантиметри двотактниот мотор со 33,6 кубни сантиметри и 1,7 коњски сили, кормилото и тркалата, од кои задните се навлекуваа преку дупки од надворешноста на куферот, а предното се појавуваше преку отстранлив отвор напред.
За склопување на овој автомобил-куфер кој тежеше 32 килограми требаше само една минута, а постигнуваше максимална брзина од 30 km/h. Иако беше непрактичен и трошеше 5 литри гориво на 100 километри, идејата толку им се бендиса на одговорните што веднаш беа направени уште два прототипа, од кои еден испратија во САД а другиот во Европа, кој беше прикажан на IAA во 1991 година. Оригиналниот прототип, за жал, случајно на паркинг беше уништен нешто подоцна, на европскиот му се изгуби трагата, а американскиот преживеа и сé уште постои и работи исто како и пред три децении.