Стара школа достојан за почит
» Со појавувањето на хибридите и таканаречениот downsizing започна да расте бројот на моќни возила со четирицилиндрични мотори. Тие најпрво ги заменуваа шестцилиндричните единици, а сега започнаа да се среќаваат и место масивните V8 агрегати. Секако, автомобилските ентузијасти ги сакаат повеќе токму нив, но мора да се признае и дека модерните високоперформанси четирицилиндрични мотори располагаат со изобилство сила добиена со врвен инженеринг. Сепак секој ќе признае дека сега со сите современи технологии е лесно тоа да се направи, но како беше порано? Се навраќаме на некои вистински технички бисери направени со голема умешност и внимание при конструирањето кои оставија траги во историјата. Некои се познати по перформансите, други по издржливоста, а заедничко за сите освен што се четирицилиндрични се дека се високо ценети меѓу љубителите на марките од кои доаѓаат.
Honda F20C
Клучна бројка кај овој мотор е 9.000 на колку вртежи во минута влегува во црвено. Овој дволитарски монструм кој се наоѓа под хаубата на Honda S2000 испорачува 250 KS во верзијата за домашниот јапонски пазар.
Mercedes M111
Деведесеттите и раните 2000-ти години, M111 задвижуваше бројни модели на Mercedes, од C и E класата преку CLK и SLK до теренскиот ML. Станува збор за прилично обичен мотор кој заради својата широка употреба беше изведен во повеќе верзии, од кои најпозната е 2,3 литарската компресорска на почетокот со 193 а подоцна со 197 коњски сили. И од инженерска и од маркетиншка страна беше храбар чекор додавањето компресор на еден големосериски и релативно нискобуџетен мотор, што резултираше со добро функционирање и издржливо работење.
Alfa Romeo Twin Spark 16V
Пред турбо компресорите да станат стандардно решение, производителите на автомобили имаа различни идеи како да ги направат своите мотори помоќни, но да ја задржат економичноста на прифатливо ниво и без негативно влијание на издржливоста. Едно од поуспешните решенија е Twin Spark технологијата на Alfa Romeo која како што нејзиниот назив сугерира користи две свеќички по цилиндар. Нималку не е нова, но вистински се покажа во своето 16V издание кај сјајните модели на италијанската марка како што беа 156 и GTV.
Subaru EJ25
Иако на почетокот со дискутабилни проблеми со издржливоста, механички комплицираните четирицилиндрични боксери на Subaru го издржаа тестот на времето. ЕЈ25 серијата со работна зафатнина од 2,5 литри присутна на пазарот скоро три децении во својата најмоќна верзија за WRX STi располага со 341 KS.
Nissan SR20DET
Nissan има одлични серии агрегати, меѓу кои дволитарскиот SR20DET со турбо компресор дефинитивно заслужува признание. Некои љубители на марката сметаат дека без овој агрегат спортските изведби на Silvia никогаш не би ја стекнале репутацијата што ја имаат. На врвот од својата слава SR20DET испорачуваше 250 KS, меѓутоа од рацете на тјунерите добиваше значително поголема коњица.
Toyota 3S-GTE
Многумина љубители на Toyota сметаат дека Supra не беше најдобриот спортски автомобил на марката во деведесеттите години туку MR2 и Celica кои таа чест ја стекнаа благодарејќи на величествениот 3S-GTE турбо мотор кој стигна до 260 KS, што не беше мала работа.
Saab B234
Saab е општо познат како еден од производителите на автомобили кои беа пионери во областа на турбо технологиите, а B234 моторот е најдобар пример за тоа. Овој мотор е клучна карактеристика на 9000, еден од најдобрите спортски седани во деведесеттите. Агрегатот во својата најмоќна верзија располагаше со 225 коњи добиени од работна зафатнина од 2,3 литри, обезбедувајќи му на автомобилот забрзување до стотка за 6,9 секунди што за тоа време беше исклучителен резултат.
Ford EcoBoost 2.3 L
Дел од големото EcoBoost семејство на Ford, 2,3 литарскиот агрегат на почетокот предизвика лавина омраза меѓу поклониците на марката за кои беше незамисливо еден Mustang под долгата хауба да има четирицилиндричен мотор. Но само додека вистински го запознаа бидејќи тој се покажа како одлична машина способна со своите 310 коњи (кои подоцна кај Focus RS нараснаа на 350) да понуди сосема солидни перформанси.
Toyota 4A-GE
Направен во соработка со Yamaha, овој мотор со две брегасти оски во главата и четири вентила по цилиндар не беше којзнае колку моќен, но претставуваше добар влез во светот на перформансите и возните својства кои можат да ги испорачаат обичните автомобили како што беа Carina или Corolla.
Volvo Redblock
Малку мотори било кога конструирани можат да се пофалат со неприкосновена репутација дека се неуништливи, како што е Redblock семејството четирицилиндрични агрегати на Volvo, најпознати од серијата 200. За купувачите целосно беше небитно со колку коњи располагаат бидејќи знаеја дека ќе ги надживеат.
Volkswagen 1.9 TDi
Една ваква листа на најдобри четирицилиндрични мотори во историјата не може да помине без дизел. Секако, честа припадна на 1.9 TDi, најуспешните мотори на Volkswagen за кој многумина мислат дека освен што се крајно штедливи, практично се неуништливи и ќе траат вечно. Во основа со доста едноставна конструкција, најмоќна нивна верзија испорачуваше 160 KS.