Вистинска одлука во вистинско време
» Porsche во деведесеттите години се најде во големи неволји. Финансиската дупка толку беше голема што се закануваше да ја проголта компанијата која во понуда имаше само два модела. Затоа и интензивно се размислуваше за трет, но каков ќе биде на почетокот воопшто не беше јасно. Се стартуваше со дури пет различни концепти, за изборот потоа да биде сведен на два – луксузен моноволуменец и премиум SUV. Не требаше многу премислување кој од нив ќе биде поатрактивен и Porsche тргна по потрага по партнер со кој идејата би се реализирала. Иницијално беше контактиран Mercedes, кој тогаш ја подготвуваше за лансирање M-класата. Идниот модел на Porsche беше замислен како негова перформансна изведба, со доста позајмена механика но со сопствен дизајн и мотори и компоненти од шасијата од Porsche.
Соработката меѓу двете штутгартски компании добро напредуваше, барем на техничко поле – проблемите се појавија кога дојде на ред да се зборува за економските односи. Тогаш Porsche се сврте кон Волфсбург, каде раководството на Volkswagen во нивната идеја виде голем потенцијал и веднаш реши да го искористи во своја полза. Требаше да помине само кратко време пред заедничките тимови да ги засукаат ракавите и да го стартуваат проектот наречен Colorado. Од него, токму како што Porsche имаше замислено, требаше да произлезат два големи луксузни SUV модели кои требаше да делат одредени компоненти но не и погонските склопови. Инженерите од Штутгарт беа одговорни за развојот, а Volkswagen за организација на производството. Cayenne и Touareg се појавија заедно, на салонот на автомобилите во Париз 2002 година.