За недела за во црква, за понеделник за на пазар
» Ford Ranchero е првиот повоен американски пикап базиран на автомобил, кој воедно ја создаде оваа класа возила таму нарекувана coupe utility, car-based pick-up или car-based truck, односно ute во Австралија каде изворно е креирана. Настана како реакција на еден дизајнер во австралиската филијала на Ford каде во раните триесетти години пристигнало писмо од сопругата на еден фармер која побарала автомобил со кој во недела ќе можат да одат во црква, а во понеделник со него да однесат свињи на пазар. Идејата тогаш била пренесена и во Америка, но не заживеала сé до 1956 година кога Ford го претставува Ranchero. Настанат е на основа на караванот Del Rio Ranch Wagon чиј заден дел е претворен во отворен товарен сандак. Со тоа беа обединети позитивните карактеристики на две класи возила – беше удобен како автомобил, а имаше практичност и носивост на пикап и беа понудени две верзии – основна за фармерите и полуксузна за оние на кои пред сé им служеше како автомобил. Пазарот добро го прифати, предизвикувајќи General Motors две години по него да го подготви легендарниот Chevrolet El Camino. Се задржа во производство седум генерации, сé до 1979 година, до кога беа направени вкупно 508.355 примероци.