Најсовремениот советски автомобил
» На денешен ден 2013-тата Lada Samara ја заврши својата 19 години долга кариера. Беше голем чекор за руската автомобилска индустрија и кога се појави во 1984 година важеше за најсовремен социјалистички автомобил, но таа „титула“ три години подоцна му ја зеде Škoda Favorit. Заедничко им е што агрегатите им беа развиени во соработка со Porsche. Одлуката за проектот од кој подоцна произлезе Samara беше донесена во 1978 година, кога беше нагласено автомобилот да има потенцијал за извоз на западните пазари. Затоа и дизајнерите посебно внимание одвоија на анализирањето на линиите на тогаш модерните Renault 9, Volkswagen Golf, Ford Escort, Opel Kadett и Volvo 340. Од компилацијата на нивните стилски решенија накалемени на прототипот Ladoga со кој претходно се испитуваа можностите на предниот погон, се изроди моделот VAZ-2018, дома познат како Lada Sputnik а за извоз како Samara.
Производството му започна во декември 1984 година и до денешниот ден 2013-тата беа направени точно 5.291.053 примероци. Покрај во Русија се произведуваше и во Украина, Казахстан, Белгија и Финска, а се продаваше низ целиот свет – од Канада до Австралија, некаде и со дизел мотор од Peugeot.