Кога последното место претставува успех
» Колин Чепмен го основа Lotus во 1952-рата, но својот прв тркачки автомобил го направи четири години пред тоа во сопствената гаража. Затоа не треба да чуди страста што Британецот ја имаше према врвните натпреварувања. За да може потемелно да се посвети на нив, во 1954-тата го издвои тркачкиот тим од матичната компанија, кој на денешен ден четири години подоцна, на големата награда на Монако, дебитираше во формула 1. На неа со 13 круга задоцнување Клиф Алисон заврши последен, на шестото место, но тоа всушност претставуваше успех бидејќи на тешката трка се откажаа дури 20 болиди. Дека е така сведочат 36-те наредни години во кои тимот освои 74 победи, 165 подиума, 102 пол-позиции, 65 најбрзи круга, 7 конструкторски и 6 возачки титули.