Испишување на една нова историја
» На денешен ден 2013 година BMW ја претстави сериската верзија на i8. Со своите модерни интерпретации на производствените технологии, плаг-ин хибридното купе започна да испишува една нова историја за баварската марка. Имаше 1,5 литарски трицилиндричен бензински мотор кој заедно со електромоторот развиваше 362 KS. Атрактивната каросерија со врати кои се отвораат нанагоре му беше изработена од уникатна мешавина на пластика засилена со јагленородни влакна и алуминиум. Забрзуваше до 100 km/h за 4,4 секунди, максималната брзина му беше ограничена на 250 km/h, а според фабричките спецификации трошеше 2,1 литар гориво и 11,9 kWh струја на 100 километри. Цената му изнесуваше 126 илјади евра. До 2020 година вкупно беа произведени 20.465 примероци во купе и родстер изведби.