Tags: , , , , , , , , , , , , , , , , ,
Во тек е изборот на „Автомобил на годината во Македонија“

Осум финалисти се борат за најпрестижната автомобилска титула

» Различни по категориска и класна припадност, но со една заедничка карактерна особина – секој од овие автомобили претставува значаен технички, технолошки и дизајнерски исчекор во однос на претходниците или пак претставува апсолутен новитет на производителот. Во услови на светска криза при што производителите беа силно лимитирани во продукциските, а не помалку и во продажните активности, националното стручно жири продолжи да ја исполнува својата основна мисија – промоција на новопристигнатите модели на нашиот пазар. И така во континуитет 27 години по ред, традицијата на која сите треба да бидеме посебно горди затоа што е најдолга од овој вид на балканските простори, продолжува.

Идентично како и минативе години, членовите на жирито гласаат за еден финалист, од гласањето на самите претставници на финалистите се обезбедува уште еден рамноправен глас, а од минатата година и од јавноста со гласањето на публиката кое се одвива преку веб-страницата на изборот www.coty.mk. Покрај титулата „Автомобил на годината“, ќе бидат доделени и признанијата „SUV на годината“, „EV на годината“ и „Томислав Билјарац“ кое се доделува на поединци заслужни за посебен развој на автомобилизмот во државата.

Накратко ве запознаваме со годинешниве финалисти кои влегоа во потесниот избор.

 

BMW iX

Со димензии близу до моделот X5, целосно електричниот BMW iX го означува влезот на Баварците во светот на електричната мобилност. Произлезен од концептниот iNext тој е изграден врз целосна нова модуларна платформа која може да се прилагоди за користење во модели со различна големина. Во случајот говориме за вградување на по еден електромотор на двете оски кои се подготвени за испорака на вкупно 503 KS. Вградениот сет на литиум-јонски батерии е дело на сопствениот развој, па оттука не би требало да изненадува фактот кој говори за капацитет од рамно 100 kWh.

Покрај вкупната тежина од 2,5 тони, големиот SUV до првите 100 км/h забрзува за време под 5 секунди, притоа не нарушувајќи го радиусот на движење од цели 600 километри. Извонредните перформанси се должат и на употребата на лесни легури, но највеќе до оптимизираниот менаџмент на трошење на електричната енергија. Малопродажната цена од околу 100.000 евра е на ниво на понудениот квалитет и врвните перформанси.


Dacia Sandero

Идејата за достапен а воедно и квалитетен автомобил функционира веќе 15 години, а 6,5 милиони купувачи распределени на сите континенти можат да ги споделат сопствените искуства. Првиот Sandero е роден 2007 година на крилјата на успехот на нискобуџетскиот Dacia Logan задржувајќи го така вниманието на купувачите со својата примамлива цена и она што се добива за неа. Сега на сцена е третата генерација која сé уште ја краси атрактивната цена, но не помалку и современата технологија со која Sandero станува уште поатрактивна, посебно на пребирливиот европски пазар.

Во каросерија која ги задржува досегашните габарити се вградува гама од Euro 6d мотори, сите одред со старт-стоп системи. Почетната моторизација ја сочинува еднолитарскиот трицилиндричен SCe 65 мотор, продолжува преку неговата TCe 90 турбо верзија, сé до интересниот TCe 100 Eco-G кој како погонско гориво може да користи и авто-гас. Одличната цена за добиената противвредност и понатаму останува главен адут на романскиот производител кој функционира под патронат на Renault.


Honda Jazz

Јапонскиот претставник во субкомпактната класа отсекогаш се стремел кон врвот и еден вид алтернатива на премиум моделите, а тоа го заслужува со квалитетот, изработката, функционалноста, но и со цената што е на ниво на повисока класа. Моторизацијата на Honda Jazz е со хибриден погонски систем кој единствен е достапен во Европа. Бензинецот е 1,5 литарски со 109 KS, во комбинација со електромотор за вкупна моќ од 136 коњски сили. Оваа комбинација со помош на eCVT менувачот овозможува економично и почисто возење со просечна потрошувачка од 3,6 литри на 100 km и емисија на CO₂ од 82 g/km.

Со габарити 4.044х1.694х1.526 mm и растојание помеѓу оските од 2.530 mm, Jazz нуди примерна пространост во класата, а со Magic Ultra седиштата функционалност и пространост на миниван. Основната изведба има цена од 25.990 евра – многу, но веќе рековме, Honda е алтернатива на премиум марките, па и цената е на тоа рамниште. Најопремената верзија Crosstar Executive има уште еден стилски плус во однос на претходните две нивоа со својата кросовер става.


Hyundai Tucson

Динамичен геометриски облик, остри агли и први на светот параметарски сокриени светла се комбинација која новиот Hyundai Tucson го прави импресивна појава. Со димензии 4.500х1.865х1.685 mm и меѓуоскино растојание од 2.680 mm гарантира пространост и комфор во возењето. Tucson нуди најширок опсег на електрични погонски склопови во сегментот на компактни SUV возила. Започнувајќи од 48-волтниот благ хибриден систем кој го поддржува моторот со внатрешно согорување со дополнителен вртежен момент при забрзување и тргнување. Хибридот со новиот 1,6 литарски T-GDi Smartstream бензински мотор и електромоторот има комбинирана вкупна моќност од 230 KS.

Понудата продолжува со конвенционалните бензински и дизел опции – 1.6 T-GDi со 150 KS Smartstream бензински мотор спарен со 6-степен рачен менувач и 1.6 CRDi 115 KS Smartstream дизел погон, преку 1.6 CRDi 136 KS дизел споен со 7-степен DCT менувач со двојна спојка, па сé до 1.6 T-GDi со 180 KS. Тука е изборот помеѓу три режими на возење – Normal, Eco и Sport. Можеме да ја споменеме врвната безбедност во возење осигурена со напредните системи за асистенција на возачот и пакетот за активна безбедност со широк опсег на иновативни функции.


Kia Sorento

Sorento е најголемиот, а со тоа и најлуксузниот SUV на Kia кој се продава на европскиот пазар. Да, добро забележувате, Sorento од чист теренец еволуира во луксузен SUV од Д-сегментот. Амбициите се високо поставени, па со своето четврто издание Sorento веќе силно чука на портата на премиум SUV возилата од високата класа. Гледано од технички аспект тоа значи премин од решеткаста носечка структура во самоносечка каросерија. Практичното манифестирање се огледува во зголемена удобност при патувањата, на сметка на проодноста по екстремни терени. За да нема разочарувања кај авантуристите, новиот Sorento се нуди со три различни режими за теренско возење.

Покрај современите бензинци кои сега без исклучок се електрифицирани, Sorento се нуди со дизелски агрегат од 2,2 литри кој развива 201 KS. Бројките кои говорат за 9,2 секунди до сто и максимални 205 km/h мора да се респектираат, а заслугите им се препишуваат на новата платформа, адаптивното ослонување и аеродинамичната каросерија. По цена од 50-тина илјади евра се добива луксузно опремен седмосед кој се гарантира со седумгодишна општа гаранција.


Opel Mokka

Новата Opel Mokka силно се дистанцира од своите претходници. Сега таа е забавна, ефикасна и иновативна. Затоа сосема заслужено го носи слоганот: „Помалку нормално, повеќе Mokka“. Од дизајнерски аспект таа е вешто избалансирана комбинација на урбано возило и современ кросовер. Всушност, тајната на успешната симбиоза се крие во адекватноста на младешкиот карактер и современите технологии. Атрибутите млади, забава, современо живеење, сфаќања, конективност и слични, одлично ѝ прилегаат на новата Mokka.

Храбро дизајнираниот кросовер се карактеризира со новата Vizor маска и целосна дигитална внатрешност. Ако внимателно се погледне посветеноста кон дизајнерските детали се открива поцврстата поврзаност со своите француски блиски роднини. Механичката основа останува во корпорацискиот двор. Понудените бензинци се добро познатите трицилиндрични од 1,2 литри кои овде развиваат максимални 100 и 130 коњи, дизелот има зафатнина од 1,5 литри и 110 KS, а како што налага редот се нуди и електрична верзија. Почетната цена на Mokka е поставена на 19.420 евра.


Toyota Yaris Cross

Мало враќање во историјата и на моделот од кој „се роди“ Yaris Cross нé води до првата генерација на Toyota Yaris што ја понесе титулата „Европски автомобил за 2000 година“ и оттогаш, од генерација во генерација, донесуваше новини, а лани се појави нова креација произлезена од него со напредни технологии спакувани во тренди стил. Веќе на прв поглед Yaris Cross нуди нов впечаток, ново доживување во возењето и современ лик, напредни и чисти мотори, секако електрификација и богата опрема. Погонските единици се бензинци и напреден хибриден склоп со  1,5 литри и моќност од 116 KS, а со хибридната моторизација со вкупно 125 KS.

Механичката група за погон на предната оска се заокружува со мануелен менувач со шест степени на пренос за бензинската изведба, што доаѓа само со погон на предни тркала, а опција е CVT преносот, додека за хибридната преносот на силата е само преку CVT менувач и тука е можен и погон на сите четири тркала. Опремата е систематизирана во пет стилски пакети – Fancy, Chic, Elegant, Adventure и Premiere Edition, а стартната цена е позиционирана на 19.590 европски банкноти.


Volkswagen ID.3

Со ID.3, Volkswagen претендира да понуди автомобил со нулта емисија на штетни гасови кој ќе биде достапен за широките народни маси. Во современи услови тоа значи дека тој треба да вози на струја, да е практичен лесен за одржување и по можност да има прифатлива цена. Реални се изгледите тоа да биде токму моделот со целосно нова концепција кој теоретски би требало да го замени екстремно популарниот Golf. Техничкиот аспект ни открива дека Volkswagen ID.3 е поставен на целосно новата MEB платформа во чиј развој е вложено цело богатство.

Новиот „народен автомобил“ ќе вози само на електрична енергија која ќе ја испорачуваат три сета батерии со капацитет од 45, 58 и 77 kWh. Следствено, автономијата им изнесува 330, 420 и 550 километри. Ако се користи брз 100-киловатен полнач доволни се половина час за батериите да се наполнат со струја доволна за 290 километри. На задната оска, како што и приличи на вистински изворен VW, се вградуваат електромотори со 150 или 204 KS, кои ќе овозможуваат прилично изразена динамичност. Почетната цена на ID.3 е поставена на 37 илјади евра.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *