Како Compass, ама ќе има ли дизел?
» Концептот на Alfa Romeo Tonale е претставен пред скоро три години и од тогаш привлекува големо внимание. Затоа и првиот човек на марката Жан-Филип Импарато, незадоволен од неговите хибридни перформанси, не дозволи тој да биде претставен есенва како што се планираше туку го врати на доработка. Сега очигледно е задоволен од сработеното, затоа што ни го најави преку кратко видео со кое ни ги честита празниците. Од друга страна пристигнатите информации велат дека Tonale ќе ја користи истата платформа како и Jeep Compass, но ќе биде малку подолг. Основниот мотор би бил 1,3 литарски турбо со 130 KS, а посилната 1,5 литарска верзија ќе биде благ хибрид со 200 KS. Кај плаг-ин хибридните верзии треба да очекуваме системска моќност од 180 и 240 KS и електрична автономија од барем 50 km, а дизелот по сé изгледа ќе биде исфрлен од комбинација. Можна е и електрична варијанта но дури за неколку години. Сето ова сепак е во сферата на претпоставките, заради што ќе мора да почекаме уште некој месец.