Вистината е болна
» Сите знаеме која е Дејтона, но со неа е поврзана и една од поголемите автомобилски заблуди. Се спомене ли името на оваа една од најславните американски тркачки патеки на љубителите на автомобилите, најголем број од нив веднаш ќе помислат на Ferrari. Но всушност таков автомобил не постои – моделот што го знаеме така ја има ознаката 365 GTB/4. Имено, во текот на неговиот развој во Ferrari навистина се поигруваа со идејата да го наречат така во чест на тројната 1-2-3 победа на трката 24 часа Дејтона во 1967-мата, но моделот сепак доби штура класична ознака во духот на традиционалниот начин на означување на нивните автомобили. Тоа сепак не ги спречи новинарите да продолжат да го нарекуваат Daytona, иако Ferrari нагласено инсистираше дека тоа никогаш не било официјално име на моделот и тоа никаде не се среќава во официјалните пишани материјали на компанијата.
Покрај Ferrari, подобрите познавачи на автомобилизмот ќе се сетат и на уште еден легендарен модел, Shelby Daytona. Но купето од кое беа направени само шест примероци наменети за трки изведени од родстерот Cobra исто така официјално не беше означено со тоа име – го нарекоа така по тоа што дебитираше на токму на трка на Дејтона. Иста е приказната и со Alfa Romeo Tipo 33 кој има верзија неофицијално наречена Daytona според местото на првиот настап.
За пронаоѓање на вистинскиот автохтон автомобил кој се вика Daytona мора од сферата на егзотичните спортски и тркачки модели да се преселиме во здодевниот свет на секојдневните автомобили каде Studebaker имаше верзија на моделот Lark наречена така. Но таа се продаваше во времето кога некогаш угледната компанија забрзано пропаѓаше и ретко кој се сеќава на неа. За разлика, Dodge Daytona е добро познат, барем од онаа страна на Атлантикот, но најмногу како модел со спортски претензии кој никогаш не дојде ни блиску до легендите како Ford Firebird или Chevrolet Camaro.
За жал, вистината е болна – токму најмалку возбудливите автомобили официјално го носат името Daytona.