Кој ќе биде наследник на Insignia?
» Автомобилот кој ние го познаваме под амблемот на Opel, семејната Insignia, повеќе не може да се купи во Велика Британија каде настапува како Vauxhall. Дали тоа значи дека предвреме дојде крајот на патот на инаку одличниот автомобил, последен на Opel со гените на General Motors? Официјално не, бидејќи од Stellantis нема најавено такво нешто, но од Островот се слушаат некои поинакви вести. Во нив се споменува брзо гаснење на оваа генерација, која практично би била последна бидејќи наредната, ако воопшто ја има, би можела да биде „кросоверизирана“. Но во секој случај таа не треба да се очекува барем уште две години, што значи и дека ќе биде електрична, а со тоа и дека ќе има ново име.
Продажбата на Insignia од оваа генерација се движеше вака: 2021 – 20.384 примероци; 2020 – 21.133; 2019 – 45.925; 2018 – 67.424 и 2017 – 72.347 возила. Претходната генерација се продаваше далеку подобро, најдобро од 2009-тата до 2011-тата, односно првите три години кога се појави, кога надмина 130 илјади примероци годишно.