Револуцијата на Michelin од 1946 година
» Слабо е познато дека радијалната конструкција на пневматиците е измислена и патентирана уште во 1914 година во Велика Британија и наредната 1915-та во САД, но во времена на макадамските патишта автоиндустријата не покажа интерес за иновацијата. Вистинскиот живот на радијалните пневматици го започна Michelin во 1946 година кога ги пласираше пневматиците со ознака X кои имаа радијална носечка структура. Како сопственик на Citroen, сосема нормално првите возила на кои се монтираа радијални пневматици беа токму од оваа марка.
За разлика од дијагоналните кај кои влакната на соседните слоеви на носечката структура се сечат под агол од околу 45 степени (дијагонално), кај радијалните пневматици тие се поставени радијално (во насока на радиусот на тркалото) и соседните меѓусебно се скоро паралелни, а на газечката површина вертикални. Освен битната разлика во поставувањето на влакната на носечката структура, радијалните пневматици имаат два или повеќе носечки слоја под газечката површина кои ги стабилизираат и го намалуваат виткањето на пневматиците, со што се подобрува прилепувањето и се намалуваат отпорите на тркалање. Со тоа се намалуваат потрошувачката на гориво и емисиите на штетни гасови а подобруваат перформансите, управливоста и стабилноста. Бидејќи помалку се деформираат и тријат од подлогата, помалку се загреваат и трошат, па имаат подолг век, посебно при брз возење. Сето тоа дополнително е подобрено со употребата на челични влакна за носечката структура.