Прага пред Виена, дури и пред Њујорк
» Познатите основачи на компанијата што денес е Škoda, механичарот Вацлав Лорин и книжарот Вацлав Клемент имаа доста визионерски идеи. Една од нив беше воведувањето такси превоз во Прага како прв град во Австро-Унгарија со таква служба. И тоа само две години откако нивната заедничка компанија Laurin & Klement започна да произведува автомобили. Тие доста добро ја сфатија важноста и улогата на превозот за потребите на граѓаните и општеството. Знаеја дека иднината е во автомобилите но исто така доста добро знаеја дека заради лошите патишта меѓу градовите се патуваше со воз, во пространи, удобни и топли железнички вагони. Автомобилите не можеа да го понудат тоа, заради што и оние што ги имаа кога сакаа да патуваат ги користеа само за превоз од дома до железничка станица.
Следејќи ги примерот на Германија и другите земји со поразвиена автомобилска индустрија кои веќе имаа служби за такси превоз низ своите големи градови, тие за една автомобилска изложба во Прага во 1907 година подготвија модел опремен со таксиметар. Големиот ден во историјата на градот се случи веќе во септември, кога најпрво пробно со моделот B2 а веќе утредента со четири автомобили од моделот C2 започна да функционира првата такси служба во Австро-Унгарија и воопшто во Централна Европа, давајќи им на улиците на Прага велеградски шарм. Беше јасно дека такси возилата претставуваат иднина, одбројувајќи ги деновите на кочиите кои служеа како главно средство за превоз.
Три години подоцна чешка фабрика го претстави новиот модел со четири цилиндри Laurin & Klement GDV, познат по безбедноста и економичноста. Со моторот од 2.660 cm³ кој произведуваше 18 KS можеше да постигне брзина од 70 km/h. Во својата осумгодишна кариера доживеа низа варијации, а направени се вкупно 333 единици. Беше идеален за такси превоз и освен во Прага се користеше и во Виена, Будимпешта, Санкт Петербург па дури и во Париз. Но и покрај изразениот оптимизам, побарувачката за такси услуги бавно растеше. Во 1920 година во Прага сообраќаа само 40 такси возила, во 1925-та 470 а во 1933-тата такси превозот се вршеше со 1.156 автомобили и само 40 кочии.