Нов електромотор и нови батерии
» Уште при претставувањето на Peugeot 308 во март минатата година, беше најавено дека тој ќе добие и електрична верзија. Каква, не се знаеше. Сепак повремено од официјалните лица на француската марка стигнуваа изјави дека имаат намера добро да се подготват за електрификацијата на овој модел кој ќе биде основа и за многу други од широкото семејство на Stellantis. Што мислеа да кажат сега знаеме – новиот електричен компакт кој ја има ознаката Е-308 планиран за пазарно лансирање на средината на наредната 2023 година ќе има нов електромотор кој развива 156 коњски сили и нови батерии со напон од 400 волти и капацитет од 54 kWh. Со својот хемиски состав од 80% никел, 10% манган и 10% кобалт тие би требало да овозможат автономија од преку 400 km, а подржуваат сила на полнење до 100 kW, што значи дека за 80% капацитет ќе им требаат 25 минути.
Дизајнерски електричниот хечбек и неговата караванска изведба се разликуваат во детали од бензинските, дизел и хибридни браќа заради ревидираниот преден дел и аеродинамичниот пакет за намалување на отпорот на воздухот, а пневматиците се со низок отпор на тркалање. За поефикасно користење на енергијата возачот може да бира четири режими на возење – покрај веќе познатите Eco, Normal и Sport уште и новиот Brake со кој се дополнуваат батериите при кочење. Деталните технички спецификации и цената засега не се објавени.