Само за една употреба!
» Каишите во моторот имаат важна улога. Запчестиот каиш го задвижува разводниот механизам, односно брегастата оска, што мора да биде исклучително прецизно и секогаш функционално. Имено, за моторот да може да работи вентилите треба да се отвораат во точно одреден момент – ако тоа се поремети доаѓа до судар на вентилите и клиповите. Клинестиот каиш пак ги задвижува алтернаторот и пумпата за разладната течност, за што не се бара прецизност но функционалноста мора да биде запазена. Ако алтернаторот не се врти акумулаторот брзо ќе се испразни и моторот ќе остане без струја, а во случај водената пумпа да не работи тој ќе прегрее и може за кратко време да се уништи. За добро да функционира, секој каиш мора да биде затегнат на точно одредена сила, заради што тој се растегнува. Кога еднаш ќе се симне веќе растегнатиот каиш не може повторно да се затегне бидејќи ќе дојде до преоптоварување и зголемен ризик од негово пукање. Затоа и после замената на пумпата за разладна течност задолжително треба да се стави и нов каиш, дури и ако неодамна бил заменет. Со запчестиот каиш пак заедно треба да се заменат и сите негови придружни делови – водилките, затегнувачот и друго.