Најдобро продавани возила во секоја земја
» Секоја нова година на почетокот се сумираат резултатите од претходната, за што сепак треба да помине некое време. Во трката кој ќе биде првиот што понудил нешто се протнуваат секакви анализи, меѓу кои слободно може да ја сместиме и оваа на Carinsurance.ae по потекло од Обединетите Арапски Емирати. Сепак да бидеме докрај искрени, и покрај недореченоста за периодот за кој се однесува, релевантноста на изворите на бројките и нејзината и непрецизност, она што е покажано во неа има некаква смисла. Далеку од стопроцентна, ама доволна во овие релаксирани денови да ја разгледаме како токму таква – вест која треба да нé релаксира.
А во неа се вели дека најпродаван автомобил во светот е Toyota Corolla, следи Ford-ова F-серија пикапи, за на третото место повторно да биде модел на Toyota, овојпат RAV4. Можеби за некого е изненадување, ама блиску зад неа се два модела на Honda – CR-V и Civic. Ако гледаме според најпопуларниот модел по земји повторно доаѓаме до Toyota, но сега со пикапот HiLux кој е водечки во 17 држави. Toyota е и на второто место со Land Cruiser, за на третото да се најде Škoda Octavia. Сликата по марки е уште поубедлива за јапонскиот производител кој е најпопуларен во 48 земји, пред Škoda во 10 и Dacia и Renault со еднакви заслуги на третото место.
П.С. Ако доволно ја зумирате уводната слика ќе забележите и кој според Арапите е прв и во Македонија. Ако од некоја причина не можете или не сакате, ќе ви кажеме – тоа е Kia Sportage. Исто така ќе забележите и дека на исток граничиме со – Белорусија!