Tags: , , ,
ГАЗ-21 Волга (1956-1970) – фото галерија, 95 фотографии

Челична тупаница во свилени ракавици

» После првите повоени обиди за оформувањето на сопствената автомобилска индустрија, Советскиот Сојуз имаше силна потреба од масовна моторизација на општество. Смртта на Сталин ги забрза работите кои веќе можеа да тргнат во друга насока, па така новиот лидер Никита Хрушчов на претпријатието Горьковский автомобильный завод, скратено ГАЗ, му издаде налог да направи модерен автомобил кој просечно семејство би можело да си го дозволи, но притоа да не заостанува зад она што во Америка се нуди. Инженерите буквално го послушаа и од САД набавија три автомобила – Chevrolet Bel Air, Ford Mainline и Plymouth Savoy кои требаше да им послужат како инспирација. Можеби затоа што дотогашното производство на ГАЗ главно беше лиценцно базирано на моделите на Ford, конечните линии на новиот автомобил во голема мерка потсетуваа токму на моделот од оваа марка.

Како и да е, тој сепак имаше руски дизајн со кој се претставуваше како моќен симбол на советската епоха. Беше долг 4,83 метри и во него комотно можеа да се сместат шест возрасни лица бидејќи и напред како и назад имаше клупа за седење која се преклопуваше, а не поединечни седишта. За да се покаже дека на работата сериозно е пристапено беше предвидено сериски да има и некои тогаш луксузни нешта, како што се запалка за цигари, греење и радио, за кое во поголемиот дел од автомобилите произведени во Америка се доплаќаше.

Со ознака ГАЗ-21 Волга тој дебитираше во 1955 година, а започна да се произведува идната 1956-та. Сепак како и многу други нешта во Советскиот Сојуз и ова беше само симболично, бидејќи тогаш беа направени само пет примероци. Вистинското производство започна во март-април 1957 година, а се и продаваше по цена од 5.400 рубљи. Јасно, првите купувачи беа државните органи. На почетокот во Волга се вградуваше стариот 2,4 литарски мотор со 65 KS, а потоа и новоподготвениот мотор од 2,5 литри со алуминиумски блок и глава кој развиваше 70, a во моделите за извоз 80 коњски сили. Менувачот беше со три степени, а за прв пат во некој руски автомобил беше понуден и автоматски менувач. Но тој не издржа долго во производство (беа направени само околу 700 возила) заради недостатокот на хидраулично масло и што немаше доволно обучени сервисери за одржување. Сепак клиреност од цели 23 сантиметри, грубото ослонување, издржливиот мотор и силната заштита од корозија направија целиот Советскиот Сојуз – сите негови структури и луѓето – да имаат голема доверба во овој автомобил кој во тоа време беше најголемиот и најлуксузен што обичните граѓани можеа да го купат. Интересен факт е дека освен со комплет алат возилата се испорачуваа и со кантичка боја за корегирање на помалите грешки и оштетувања.

Првата серија на Волга опстана во производство до 1959 година, кога беше заменета со втората серија која главно се разликуваше по маската. Беа заменети браниците и додадени прскалки за миење на ветробранското стакло и пневматици без внатрешна гума, а најголемата новост беше верзијата со волан на десната страна. Силна репутација што ја стекна направи извозот да започне во голема мерка и Волга да стигне до купувачите во Австрија, Источна и Западна Германија, Холандија, Финска, Норвешка, Шведска, Велика Британија, Грција, Кипар, Блискиот Исток, Индонезија и други земји, меѓу кои секако и Југославија. Волга посебно добро беше примена во Белгија, каде се продаваше под ознаката Scaldia-Volga. Дел од возилата таму пристигнуваа без мотор, со менувач во багажникот, во кои увозникот вградуваше дизел агрегат – на почетокот со 1,6 литарски Perkins со 48 KS, кој подоцна прво беше заменет со 2,3 литарски Rover со 65 KS а потоа со 1,9 литарски Peugeot со 58 KS. Според податоците направени се вкупно 167 примероци со дизел мотор. Оваа серија на Волга се појави и во авто-трките и успеа да победи на релито Илјада езера во Финска и да го освои третото место на грчкото рели Акрополис.

Третата серија, повторно со нова и сега далеку попретставителна маска, беше претставена во 1962 година. Најголемата промена сепак беше под хаубата, каде се најде место за големиот 5,5 литарски V8 мотор од Чајка кој развиваше 160 KS. Со него Волга постигнуваше супериорни 170 километри на час, што ја правеа идеален автомобил за структурите на КГБ. Затоа и за девет години беа направени само 603 примероци од оваа верзија. Стандардната пак беше засилена на 75, а верзијата за извоз на 85 KS. Се појави и караванска изведба која посебно беше популарна за итна помош. Се експериментираше и со доставен и 4×4 модел, ама ниеден од нив не влезе во сериско производство.

ГАЗ-21 во 1970 година беше заменета со далеку посовремениот ГАЗ-24. Но дури и после прекинувањето на производството во поголемите ремонтни сервиси низ Русија беа склопувани возила од залихата резервни делови. Без нив, според податоците на ГАЗ, вкупно се направени 639.478 примероци од оваа прва Волга.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *